ТикТок пред голема колективна тужба во Велика Британија и ЕУ

од Nikola Popovski
431 прегледи

Социјалната мрежа ТикТок се соочува со судски спор во британскиот суд, откако поранешната англиска комесарка за детски права, Ен Логфилд, одлучи да ги предизвика поради начинот на кој кинеската компанија собира и објавува податоци за малолетни граѓани.

Според Би-Би-Си, тужбата ќе биде поднесена „во име на милиони деца од Велика Британија и ЕУ и, следствено, може да доведе до исплата на паричен надоместок во износ од неколку илјади фунти за секое одделно дете“.

Од „ТикТок“ најавија дека ќе се борат со сите правни средства затоа што оваа тужба е „без законски основи“.

Тим адвокати на обвинители тврди дека ТикТок ги зема личните информации на сите корисници, вклучувајќи огромен удел на деца – вклучувајќи ги и нивните телефонски броеви, точната локација, биометриските податоци – без соодветно претходно предупредување и објаснување. Секако, за разлика од нив, од социјалната мрежа посочуваат дека приватноста и безбедноста на нивните корисници се на прво место, особено кога станува збор за тинејџерската популација.

Социјалната мрежа има повеќе од 800 милиони корисници ширум светот. Тужбата ќе ги опфати сите деца од територијата на Велика Британија и ЕУ кои ја користат популарната мрежа за споделување видео од 25.05.2018 година, се разбира со нивна согласност и одобрување од нивните родители да учествуваат во правната битка.

Ова не е првпат ТикТок да се соочи со сличен проблем. Имено, Американската федерална комисија за трговија наплати казна од 5,7 милиони долари за „лош третман на податоци за деца“.

Според студијата на аналитичката компанија „Офком“, во Велика Британија, дури 44% од децата на возраст од осум до 12 години користат „ТикТок“, и покрај фактот дека тој е забранет за лица помлади од 13 години.

Слични содржини