Силјановска Давкова: Шар Планина дa се прогласи за добро од општ интерес за да има меѓународна заштита

од Vladimir Zorba
226 прегледи

На денешната собраниска седница каде што се дебатираше на предлог закон за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје од категоријата два, а тоа се национални паркови, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Гордана Силјановска Давкова посочи дека Шар Планина треба да се прогласи за добро од општ интерес, наместо од јавен интерес бидејќи на ова природно богатство му е потребно меѓународна заштита.

„Степенот на заштитата сакам да укажам и на заменик министерката и кажав дека е тесно поврзан со карактерот на доброто. Бидејќи се работи за непроценливо природно богатство кое што не е само национално туку е и регионално“, посочи Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова додаде дека укажува на членот 56 од Уставот во кој што јасно стои дека сите природни богатства, растителниот и животинскиот свет, значи се добра од општ интерес.

„Јас како правник правам разлика меѓу добро од општ интерес и добро од јавен интерес. Доброто од општ интерес е повисоко добро и ужива поголема заштита. Бидејќи во целиот закон или во првиот член се оперира со добро од јавен интерес, молам да се промисли ова пред да се донесе законот“, истакна Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова посочи дека Шар Планина треба да се прогласи за добро од општ интерес бидејќи заслужува меѓународна заштита.

Слични содржини