Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка на сенародниот протестен марш за слобода за Уставобранителите кој ќе се одржи денеска со почеток од 11 часот пред Влада, од каде ќе се продолжи кон Собранието на Република Македонија.
Од таму бараат правда за Уставобранителите, и како што велат „еден ден во затвор како неправедно осуден е тежок како година“.
„Не смееме да премолчиме неправда, затворот на правдина е најтежок, а општеството не смее да дозволи импровизации. Уставобранителите се во затвор, а полицијата на Спасовски им дава закрила на ИСИС, турската, српската, албанската и италијанската мафија. Тоа значи дека е изгубено секое мерило на праведно расудување и секоја неправда мора да се исправи. Даваме поддршка и бараме ослободување на Уставобранителите, тие не се и не можат да бидат терористи. Тие се чесни граѓани на оваа земја“, стои во партиското соопштение.
Протестот е најавен за во 11 часот, а треба да почне од пред Владата на С. Македонија и да заврши пред Собранието.
„Зад протестот за одбрана на лица осудени за тероризам, кои на крвавиот четврток, на 27 април 2017 инспирирани од ВМРО-ДПМНЕ, жедни за крв, со оружје упаднаа во Собранието, стои нивниот почесен претседател, осудениот бегалец од правдата Никола Груевски.
Христијан Мицкоски е само извршител на волјата на неговиот ментор од Будимпешта. Единствена задача на Мицкоски е да го одбрани криминалот во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, нему ниту му е до граѓаните ниту до државата.
Мицкоски, кој шест пати беше поразен на избори во последните четири години не сфаќа дека народот не сака политичари кои се на браникот на криминалот, кои ја блокираат помошта за граѓаните и фирмите, кои го поткопуваат здравствениот систем во време на пандемија, кои прават опструкции на евро-атлантската интеграција на државата, кои не гласаат стратегија за борба против корупција, кои ги делат луѓето по сите основи и внесуваат страв и омраза. Затоа Мицкоски уште долго ќе биде во опозиција“, соопшти СДСМ.