Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Брисел посочи дека очекува покана за продолжување на дијалогот со Косово кон средината на мај и додаде дека Белград е подготвен да одговори на поканата и ќе учествува во секаков вид дијалог, дека сака да биде конструктивен и да разговараат за решавање на проблемите.
Вучиќ истакна дека ги разбрал сите пораки што Курти ги испраќа со своите изјави и постапки, од гласање на изборите во Албанија, до барањето за воена компензација од Србија, но дека тоа во никој случај не е конструктивен пристап и дека тој е не фасциниран од тие пораки.
На прашањето која е целта на Курти, Вучиќ одговори дека не мора ништо да објаснува и да го напаѓа Курти или било кого, затоа што е доволно сите зборови и дела да се стават на хартија.
„Вие гласате во Албанија. Добар сигнал. На сите им е јасно, и на нас и на светот, што сакате да кажете. Велите дека сакате воени репарации од Србија, ние разбираме што сакате да кажете. Велите ќе поднесете тужба за геноцид, иако не можете затоа што не сте суверена држава, можеби преку Албанија или некоја трета земја, и таа порака ни е јасна“, рече Вучиќ.
Според него, ако некој сака да каже дека тоа е конструктивен пристап – не е, но додава дека не треба да се грижиме премногу за тоа.
„Нивните политички акробации се за внатрешна политичка употреба… Никој не е особено воодушевен од тоа“, додаде Вучиќ.