Водечката кандидатка за позицијата германска канцеларка, Аналена Бербок повика на „дијалог и цврстина“ кон Кина кога станува збор за одбрана на демократските вредности и човековите права.
Кандидатот на „Зелените“ за позиција шеф на германската влада за неделникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изјави дека Европа треба да ја искористи својата економска моќ да блокира кинеска стока произведена од присилна работа и да избегне комуникациски технологии што ја загрозуваат европската безбедност.
– Во моментов се натпреваруваме помеѓу системот на авторитарна моќ и системот на либерални демократии – рече таа во интервјуто објавено во неделата, кое го пренесе АП.
Бербок ги опиша инвестициите на Кина во инфраструктурни и енергетски мрежи од Централна Азија до Европа како „брутална политика на моќ“.
„Ние, Европејците, не смееме да бидеме измамени“, рече Бербок, додавајќи дека Европската унија треба да дејствува во одбрана на своите вредности и да го спроведе неодамна постигнатиот договор за инвестиции меѓу Брисел и Пекинг, со цел да се реши прашањето за Кина, за кое рече, дека го принудува своето ујгурско малцинство на принудна работа.
Бербок, која има диплома за меѓународно право, исто така се осврна на Русија и конкретно, руската поддршка за бунтовничките групи во Украина и неодамнешната акумулација на руски трупи долж украинската граница.
Таа го поддржа правото на Украина да аплицира за членство во НАТО и ЕУ, но рече дека „најважно во моментот е да се зголеми притисокот врз Русија со цел да се почитува договореното од Минск“.
Договорот бара мирен крај на конфликтот во источна Украина со бунтовниците, кој остави најмалку 14.000 мртви од 2014 година.
Бербок ја критикуваше поддршката на германската влада за гасоводот што доставува руски природен гас во Германија.
– Јас одамна ќе ја повлечев својата политичка поддршка за „Северен поток 2“ – рече таа.
„Зелените“ повикуваат на поблиска соработка со Соединетите држави во одбраната на либералните вредности ширум светот, но Бербок предложи да се преиспита целта членките на НАТО да трошат два проценти од нивниот бруто домашен производ за одбрана, во светло на итната потреба да се инвестира големи суми пари за борба против климатските промени.
Бербок рече дека прашањето за иднината на нуклеарното оружје на САД, стационирано во Европа, може повторно да се постави како дел од разговорите за разоружување меѓу Москва и Вашингтон.
Анкетата објавена од неделникот „Билд ам Зонтаг“ во неделата ги стави „Зелените“ близу пред блокот на десниот центар на Ангела Меркел.
Германците ќе изберат нов парламент на 26 септември, кој потоа ќе гласа за тоа кој треба да стане следниот канцелар на земјата. Меркел нема да се кандидира за петти мандат.