Конечно откриени архивите на КГБ за Чернобил: Несреќата не изненадила никого во тајната служба, еве колку помали инциденти имало!

од Nikola Popovski
500 прегледи

Советскиот Сојуз знаеше дека нуклеарната централа во Чернобил во денешна Украина е опасна и ја прикриваше вонредната состојба пред експлозијата на реакторот во 1986 година, соопштија украинските власти откривајќи архиви по повод 35-годишнината од катастрофата.

По неуспешните тестирања на четвртиот реактор во нуклеарната централа, во областа на тогашниот Советски сојуз, облаци од радиоактивен материјал од Чернобил се проширија во Европа во најголемата нуклеарна катастрофа во светот.

Архивата покажува дека имало зрачење и во 1982 година, кое потоа било покриено со „мерки за спречување паника и провокативни гласини“, се наведува во извештајот на тогашната тајна служба на КГБ, објавен во понеделникот од украинската тајна служба „СБУ“.

Се додава дека имало одделни „итни случаи“ во нуклеарната централа и во 1984 година.

Така, „во 1983 година, советското раководство во Москва беше известено дека нуклеарната централа во Чернобил е една од најопасните во Советскиот сојуз поради недостаток на опрема за безбедност“, наведува „СБУ“.

Кога еден француски новинар собрал примероци вода и почва од областа Чернобил по несреќата во 1987 година, КГБ ги замениле овие примероци со други во специјална операција, соопшти СБУ, повикувајќи се на друг извештај исто така изработен од КГБ.

Без оглед на Чернобил, нуклеарната енергија е втор најважен извор на енергија со малку јаглерод.

Веднаш по експлозијата, 31 работник и пожарникар починале од радиоактивно зрачење. Илјадници повеќе им подлегнале на болести како што е рак предизвикан од зрачењето, иако вкупниот број на смртни случаи и жртви на долгорочни болести поврзани со зрачење е предмет на расправа.

Во 2006 година, невладината организација Гринпис процени дека 100.000 луѓе загинале во несреќата.

Нуклеарната централа во Чернобил продолжи да произведува електрична енергија до декември 2000 година, кога нејзиниот последен реактор беше затворен под притисок на Западот.

Владата на денешна Украина предупредува дека советските власти ја спровеле истрагата непрофесионално и ја прикривале вистината. Наредба за евакуација на целата област е издадена само 36 часа по несреќата.

„35-годишнината од трагедијата во Чернобил нè потсетува на тоа како дезинформациите за кои е одговорна државата, како што беше во тоталитарниот советски режим, предизвикаа најголема катастрофа на човештвото предизвикана од човечки постапки“, објавило Министерството за надворешни работи на Украина.

Слични содржини