Европскиот парламент го укина имунитетот на грчкиот пратеник Џанис Лагос, поранешен член на неонацистичката партија Златна зора, кој беше осуден во Атина на 13 години и осум месеци затвор за „управување со криминална организација“, беше објавено во Брисел денеска.
Одлуката беше донесена во понеделникот вечерта со големо мнозинство гласови – 658 пратеници гласаа за укинување на имунитетот на тајно гласање, 25 беа против, а десет беа воздржани.
Постапката е покрената на барање на грчките власти, кои мораат да издадат европска потерница за Лагос, пренесува „Бета“, повикувајќи се на „Франс прес“.
48-годишникот е меѓу 40-те членови на Златна зора кои беа осудени во октомври минатата година по пет и пол години маратонско судење.
Повеќето осудени членови се во затвор
Лагос, како и целото раководство на Златна зора, беше во притвор по убиството на антифашистички активист во Атина во септември 2013 година.
Беше ослободен на условна казна 18 месеци подоцна, додека го чекаше судењето.
Тој има пратенички имунитет од јули 2019 година, кога беше избран за ЕП, како претставник на Златна зора, која ја напушти неколку месеци подоцна.
Лидерот на Златна зора, Никос Михалолијакос и повеќето осудени се во затвор, но уште еден човек од организацијата, Христос Папас, сè уште е во бегство.