Предизвиците на претседавањето со Советот на Европската унија беа во центарот на разговорите во Париз меѓу словенечкиот премиер Јанез Јанша и францускиот претседател Емануел Макрон, а Јанша укажа и на ситуацијата на Западен Балкан, пренесе агенцијата Хина.
Во втората половина на оваа година, Словенија ќе ја преземе улогата на претседавач од Португалија, а потоа во првата половина на 2022 година, Франција, а Макрон во изјавата пред состанокот со Јанша рече дека овој период ќе биде обележан со криза поради пандемијата и дека затоа ќе се одвива во вонредни околности.
Европа се соочува со пандемија и се обидува да избегне економска криза, затоа е потребно целосно меѓусебно усогласување, оцени Макрон и се залага за единство во рамките на ЕУ во справувањето со здравствената криза и нејзините последици.
„Ова е потребно за нормализирање на состојбата во Европа“, предупреди Макрон, сугерирајќи потреба за поголеми инвестиции во развој и производство на вакцини.
Пред работниот ручек и разговорот со Макрон, Јанша изјави дека клучните приоритети на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ ќе бидат зголемување на отпорноста на Унијата кон кризи, како што е пандемија.
Тој како една од темите на разговорите со шефот на француската држава ги спомена состојбите во регионот на Западен Балкан и прашањето за потенцијален пристап на земјите од регионот во Европската унија како еден од приоритетите на Словенија.
Јанша потсети дека Европската унија им ја гарантираше европската перспектива на земјите од Западен Балкан на самитот во Солун во 2003 година како единствена позитивна перспектива за регионот.
Тој оцени дека на тој пат има многу пречки што треба да се надминат, потсетувајќи дека солунскиот документ им ветил на овие земји членство во ЕУ кога ќе ги исполнат условите за тоа.
Јанша исто така посочи дека Словенија и Франција се стратешки партнери и дека Франција е еден од најсилните економски партнери на Словенија.
Словенечкиот премиер се залагаше за уште повеќе француски инвестиции во неговата земја, изразувајќи желба францускиот претседател официјално да ја посети Љубљана оваа година, кога Словенија ја одбележува 30-годишнината од независноста и автономијата, според Хина.