Откако руската амбасада во Скопје на Твитер објави дека Бугарија извршила окупација на Македонија во април 1941 година, се огласи портпаролката на министерството за надворешни работи на руската федерација, Марија Захарова која на новинарско прашање „дали е вистина дека Руската амбасада во Скопје ги свртува Македонците против Бугарија“, изјави дека тие зборуваат исклучително со факти.
-Твитот за кој зборувате, а го објави нашата амбасада во Скопје, cодржи исклучително факти. Тешко е соодветно да се даде било каков вид емоционална проценка“, истакна Захарова
,,Пред 80 години, на 18 април 1941, Бугарија, тогашен сојузник на фашистичката Германија, ја нападнала Македонија. Два месеца подоцна нацистите го нападнале СССР. Вечна слава на Русите, Македонците и другите храбри војници кои се бореа против нацистичката чума!”, напишаа на твитер од руската амбасада во Скопје на средината на месецов.
По оваа објава, реагираше бугарскиот европатеник Андреј Ковачев, кој посочи дека Бугарија никогаш не ја нападнала Кралска Југославија, а исто така и дека „добро е познато дека до април 1941 година Сталин и Хитлер биле сојузници“.
„Во тој период, Македонија воопшто не постои како држава и е под жестока српска окупација. Дури и зборот Македонија е забранет од Србите. Затоа нашите предци ги пречекуваат сонародниците како ослободители од повеќедецениското ропство. Колку е тажно кога лагите се толку рамни и со јасна желба да не скараат што е можно повеќе“, нагласи пред неколку дена Ковачев.