Претседателот на Албанија, Илир Мета, денеска побара пребројување на сите неважечки гласачки ливчиња, кои на парламентарните избори на 25 април, како што рече, биле пет проценти или повеќе од 80.000.
Мета на социјалните мрежи објави податоци од изборите во 2013 и 2017 година, според кои имало само 1,39 и 1,98 проценти неважечки ливчиња.
„Сега, според првичните резултати на Изборната комисија, имаме пет проценти неважечки ливчиња. Затоа е од клучно значење да се избројат сите неважечки ливчиња за да се зголеми довербата на граѓаните кои чекаа во долги редови да ја изразат својата волја на 25 април“, напиша Мета, пренесоа албанските медиуми.
Тој додаде дека сега има околу 50.000 повеќе неважечки гласови отколку во 2017 година и околу 60.000 повеќе неважечки гласови отколку во 2013 година, а пред осум години гласаа околу 80.000 повеќе граѓани отколку на изборите на 25 април.
На парламентарните избори во Албанија, Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама освои 49 проценти од гласовите, додека водечката опозициска Демократска партија освои 39 проценти од гласовите.