Лондон: Идните односи со Москва ќе зависат од нејзиното однесување

од Vladimir Zorba
174 прегледи

Идните односи на Велика Британија и земјите од НАТО со Русија ќе зависат од однесувањето на Москва, изјави шефот на британската дипломатија, Доминик Раб.

„Нашите врати се секогаш отворени за позитивни односи и дипломатија, мислам дека тоа е нешто вообичаено за земјите од НАТО, но Москва мора да го смени однесувањето“, рече Раб на прес-конференција.

Тој прецизираше дека тоа се однесува на ситуацијата на границата со Украина, „сајбер нападите и дезинформациите“, како и наводна употреба на хемиско оружје, вклучително и на територијата на Русија.

„Постои можност за подобрување на односите со Русија, ние би го поздравиле таквото нешто, но тоа зависи од промена на однесувањето на Москва“, рече министерот.

Претходно, британскиот министер за надворешни работи им предложи на претставниците на земјите од Г7 да развијат механизам за борба против руската „дезинформација и пропаганда“.

Во таа насока, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, изјави дека Москва е обвинета за ширење пропаганда од страна на оние кои самите потонале во неа.

Западните политичари постојано ја обвинуваат Русија за мешање во изборите, ширење лажни вести и извршување сајбер напади. Москва повеќепати ги негираше ваквите изјави, нагласувајќи дека тие се неосновани. Како што изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, Русија не прифаќа мешање во сопствените работи и самата тоа никогаш не го прави.