Најмалку 40 лица загинаа, а десетици беа повредени, претежно ученички, во неколку експлозии во училишта денес во главниот град на Авганистан, Кабул, изјави авганистански претставник за Ројтерс под услов да остане анонимен.
„Тоа е заедничко средно училиште за девојчиња и момчиња кои учат во три смени, од кои втората е за ученички, кои страдаа најмногу во нападот“, изјави за агенцијата Наџиба Аријан, портпарол на Министерството за образование.
Снимките прикажани на локалната телевизија „Толо њуз“ покажаа драматични сцени пред училиштето, книги и училишни торби расфрлани на патот со траги од крв, а жителите брзаа да им помогнат на жртвите.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тарик Аријан претходно изјави дека бројот на загинати е 25, но не ги прецизираше причините за експлозиите, а портпаролот на Министерството за здравство рече дека досега 46 лица се префрлени во болници.
Ниту една група не презеде одговорност за нападот, а портпаролот на талибанците Забиулах Муџахид го негираше учеството на бунтовничката група и го осуди инцидентот.