Палестинското Министерство за здравство вечерва објави дека девет лица загинале по израелскиот напад врз појасот Газа, а според палестинските медиуми, меѓу жртвите има и три деца, пренесе Ројтерс.
Израелската армија потврди дека извршила ракетни напади врз Појасот Газа, наведувајќи дека тројца членови на милитантната организација Хамас, кои претходно го ракетираа Ерусалим по истекот на ултиматумот испратен до израелската влада да ги повлече безбедносните сили од џамијата Ал Акса, беа убиени во ракетни напади.
Во извештајот на „Ерусалим пост“ се наведува дека еден од убиените членови на Хамас е командант, кој бил меѓу примарните цели на повратните ракетни напади на израелската армија.
Во Ерусалим се огласија сирени кои предупредија на ракетен напад, а набргу потоа се слушнаа и детонации, објави претходно Ројтерс.
Потоа се огласи претставник на военото крило на Хамас, Абу Обеид, кој потврди дека ракетните напади биле одговор на, како што рече, „злосторството и агресијата“ што Израел ги извршува во Ерусалим, пренесе АП.
„Ова е порака што непријателот мора добро да ја разбере“, рече Обеида, заканувајќи се со нови напади доколку Израел повторно им нареди на своите безбедносни сили да ја нападнат џамијата Ал Акса или да извршат протерување на Палестинците кои живеат во источен Ерусалим.
По ракетирањето на Ерусалим, израелскиот парламент беше евакуиран, а долж границата со Газа, Израел ги зголеми своите сили.