Само 12 лица се одговорни за две третини од содржината против вакцините на Интернет

од Stefanija Kuzmanovska
262 прегледи

Овозможувањето на вакцинирање на луѓе против ковид е најбезбеден начин да се спасат животи за време на пандемијата. И покрај ова, голем процент од луѓето ширум светот сè уште се двоумат и се сомневаат во вакцините најмногу поради бројните теории што кружат на Интернет.

Ново истражување покажа дека повеќето заговори против вакцините кои кружат низ социјалните мрежи доаѓаат од само 12 лица.

Само 12 лица и нивните организации, наречени „дезинформативна дванаесетка“, се одговорни за 65 отсто од антивакциналната пропаганда што се споделува на Фејсбук и Твитер.

Тој број се базира на анализа на повеќе од 812.000 објави од овие две социјални мрежи кои циркулираат од први февруари до 16 март 2021 година, спроведена од непрофитната организација Центар за борба против дигитална омраза.

„Мала група на лица кои немаат соодветно медицинско знаење поради свои интереси ги злоупотребуваат социјалните платформи за лажно да претставуваат закани и да шират дезинформации за безбедноста на вакцините“, рече Имран Ахмед, директор на Центарот за борба против дигиталната омраза.

„Дезинформативна дванаесетка“

Џозеф Меркола, Роберт Ф. Кенеди Јуниор, Тај и Шарлин Болингер, Шери Тенпени, Риза Ислам, Рашид Бутар, Ерин Елизабет, Сајер Џи, Кели Броган, Кристијан Нортрап, Бен Тапер и Кевин Џенкинс се меѓу највлијателните антиваксери, а повеќето од нив припаѓаат на таканаречената „Дезинформативна дванаесетка“.

Од нивните влијателни профили, кои ги следат голем број луѓе, тие произведуваат големи количини на содржина против вакцините.

Многу луѓе на социјалните мрежи кои споделуваат содржина против вакцини, најверојатно не ги следат профилите на самите овие лица, но индиректно поради природата на социјалните мрежи, тие до нив стигнуваат преку други луѓе.

Влијанието на оваа група варира од социјалната мрежа за која станува збор. На Твитер, околу 17 проценти од активните пораки за вакцинација потекнуваат од споменатата „Дезинформативна дванаесетка“, додека на Фејсбук, дури 73 проценти од објавите против вакцините доаѓаат од нив.

Слични содржини