Лавров: Разговорите со Блинкен се конструктивни

од Берта Китинска
178 прегледи

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по двочасовните разговори со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Рејкјавик изјави дека состанокот бил конструктивен.

„Разговаравме подолго отколку што планиравме, еден час и 45 минути, разговорот беше конструктивен“, изјави Лавров пред новинарите.

Според него, постои разбирање дека е потребно да се надмине состојба што се појави во односите меѓу Москва и Вашингтон во претходните години. „Има многу урнатини, не е лесно да се расчистат, но ја почувствував подготвеноста на Блинкен и неговиот тим да го сторат тоа. Ние нема да го запреме “, истакна рускиот министер. Тој исто така рече дека се надева оти лидерите на двете земји, по овие разговори, ќе дефинираат понатамошни начини за подобрување на односите меѓу Русија и Америка.

Тој се осврна и на работата на дипломатските мисии на двете земји, потенцирајќи дека верижната реакција што се случи во примената на мерките и контрамерките, никому не носи задоволство. Лавров додаде дека ќе работи со неговиот американски колега на подготовка на предложените теми за средбата на претседателите на двете земји, вклучително и на прашањето за стратешка стабилност.