Новинари и официјално лице загинале од експлозија на мина во Азербејџан (ВИДЕО)

од Nikola Popovski
321 прегледи

Двајца азербејџански новинари и еден службеник биле убиени во петокот во експлозија на мина западно од Нагорно Карабах, во регионот Калбаџар, соопштија официјалните лица, пренесува Ал Џезира, додавајќи дека четири лица се повредени.

Камионот во кој се наоѓале налетал на антитенковска мина во 11:00 часот по локално време, соопшти Министерството за внатрешни работи на Азербејџан, како и државното обвинителство.

Мапи со мини

Жртвите биле идентификувани како локален службеник Ариф Алиев и новинарите Махарам Ибрахимов од државната агенција Азер Атаг и Сирај Абишов од државната АзТВ.

Експлозијата се случила за време на граничниот спор меѓу Ерменија и Азербејџан, кој минатата година водеше шестнеделна војна над регионот Нагорно Карабах.

Азербејџанскиот министер за надворешни работи Јехун Бајрамов рече дека е „длабоко погоден“ од инцидентот и ја повика Ерменија да предаде мапи со мински полиња во областа. Азербејџан често ја обвинува Ерменија дека одбива да ги предаде ваквите мапи.

„Секој ден го одбиваат ова барање, загрозуваат повеќе животи“, објави Бајрамов на Твитер.

Неодамна било минирано

Калбајар е еден од регионите што беше вратен во Азербејџан по минатогодишниот конфликт.

Елчин Шикли, лидер на Сојузот на новинари на Азербејџан, ја обвинува ерменската држава за кршење на „меѓународното право“.

„Неодамна беа поставени мини во областа Калбајар. Ова значи дека Ерменија е соучесник во тероризмот и саботажата на државно ниво. Меѓународната заедница мора итно да одговори на овој проблем“, рече тој за Ал Џезира.

До објавувањето на статијата немаше никаква реакција од ерменските официјални лица во врска со експлозијата.

Слични содржини