Биткоинот стана официјално средство за плаќање во Ел Салвадор

од Stefanija Kuzmanovska
470 прегледи

Ел Салвадор стана првата земја во светот во која биткоинот беше прогласен за официјално средство за плаќање, откако Конгресот го поддржа предлогот на претседателот Наиб Букеле.

Од вкупно 84 парламентарци во малата централноамериканска земја, 64 гласаа за законот со кој биткоинот се прогласува за официјално средство за плаќање во земјата, заедно со американскиот долар.

Со тоа Ел Салвадор стана првата земја во светот во која криптовалутата е официјално платежно средство.

Цената на биткоинот се зголеми веднаш по гласањето за пет проценти – на 34.295 американски долари.

Пред три дена, на голема онлајн конференција посветена на биткоинот, младиот и многу популарен претседател на Салвадор, Букеле, го објави својот предлог и објасни дека криптовалутата како официјално средство за плаќање ќе им олесни на луѓето што ја напуштиле земјата да испраќаат пари побрзо, полесно и без дополнителни трошоци назад во татковината.

Повеќе од два милиони Салвадорци живеат во странство, но сепак одржуваат блиски врски со нивната земја на потекло, враќајќи и повеќе од четири милијарди долари секоја година.

Во Ел Салвадор готовината најмногу се користи за плаќање, така што 70% од граѓаните сè уште немаат сметки во банка.

„Финансиската инклузија не е само морален императив, туку и начин да се развие економијата на земјата, овозможувајќи им на луѓето пристап до кредити, заштеди, инвестиции и безбедни трансакции“, напиша Букеле на Твитер.

Претседателот објави склучување на партнерство со компанијата за производство на дигитални паричници „Страјк“, која ќе има за задача да ја „изгради“ инфраструктурата за употреба на биткоин во земјата.

Компанијата ја направи својата апликација за плаќање со крипто-валути достапна во Ел Салвадор во март, а апликацијата наскоро се најде на првото место според бројот на преземања.

Слични содржини