Италијанската полиција верува дека Booking.com избегнала да плати 153 милиони евра данок на додадена вредност во врска со изнајмување викендички преку својата платформа, изјавија двајца извори за Ројтерс во четвртокот.
Полицијата во Џенова соопшти дека открила „масовно затајување данок од над 150 милиони евра ДДВ во периодот од 2013 до 2019 година од страна на мултинационална онлајн туристичка агенција со седиште во Холандија“, без да спомене за која компанија станува збор.
Полицијата соопшти дека нивната даночна контрола била спроведена како дел од кривичната истрага спроведена од обвинители. Портпаролот на Booking.com во Холандија не сакаше да ги коментира овие тврдења, пренесе Ројтерс.
Овој потег следи неколку дена по договорот на Г7 за глобална минимална стапка на данок на доход од 15 проценти за да се добијат повеќе пари од мултинационалните веб-компании и да се намалат нивните стимуланси за пренасочување на профитот на офшор сметки.
Полковникот Иван Бикио, шеф на полициската група во Џенова што ја водеше истрагата, изјави за Ројтерс дека видот на затајување данок што го откриле „носи огромен профит на корисниците, оштетувајќи ги јавните буџети и менувајќи ги правилата за конкуренција“.
Booking.com дејствува како посредник помеѓу сопствениците на имот и гостите. Полицијата, проверувајќи 896.500 сопственици на имот кои соработувале со оваа компанија, заклучи дека данокот не е платен во периодот од 2013 до 2019 година. Booking собра 700 милиони евра од приватни клиенти, со неплатени даноци од 153 милиони евра, велат извори.
Италијанската истрага го привлече вниманието на неколку европски туристички дестинации, рече еден од изворите, а даночните власти на тие земји неформално побараа информации за тоа прашање. Како што продолжуваат истрагите, италијанската даночна администрација ќе покрене посебна постапка на крајот на која Booking ќе треба да одлучи дали ќе се согласи да плати данок или да ги побие овие наводи.