Вечерва израелскиот парламент избра нова коалициска влада, со што заврши 12-годишното владеење на поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Поранешниот сојузник на Нетанјаху, десничарот Нафтали Бенет е избран за нов премиер, пренесува АП, додавајќи дека тој ќе предводи разновидна и кревка коалиција од осум партии со длабоки идеолошки разлики. Нетанјаху останува на чело на Ликуд и ќе биде лидерот на опозицијата.
Таканаречената нова „влада на промени“ доби поддршка од 60 од 120 пратеници во Кнесетот, додека 59 беа против, додава „Тајмс оф Израел“.
Палестинските лидери на Хамас денеска изјавија дека ќе се спротивстават на новата израелска влада, чиј мандат ќе започне наскоро.
Портпаролот на Хамас, Фаузи Бархум рече дека секоја израелска влада е „окупатор на која мора да се спротивстави на сите форми на отпор, а најмногу на вооружен отпор“, пренесе АП.
Хамас и Израел имаа вооружен судир кој траеше 11 дена минатиот месец, а спротивставените страни досега се бореа четири пати откако радикалниот Хамас ја презеде контролата над Газа во 2007 година од ривалската палестинска самоуправа.