Институтот за демократија „Социетас Цивилис” во соработка со Германскиот совет за надворешни односи, и со поддршка на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) ја организираше панел дискусијата „Што можеме да направиме за ЕУ? Придонесот на Западен Балкан на Конференцијата за иднината на Европа – гласови од регионот” во рамки на меѓународната конференција „Преспа форум дијалог”.
Овој настан е прв од низата јавни и граѓански придонеси од регионот на „Конференцијата за иднината на Европа (CoFoE)”.
На панелот се дискутираше за тоа колку се заинтересирани граѓаните и институциите на Западен Балкан и колку ја следат дебатата за иднината на Европа, кој може да биде нивниот придонес во обликувањето на идните политики и амбиции на Унијата, и дали Конференција за иднината на Европа е подготвена да ги слушне и да ги земе предвид очекувањата на Западен Балкан.
Во фокусот на дискусијата исто така беше и диверзификацијата на европските синџири на снабдување како и зелената транзиција и „Зазеленувањето на економиите на Западен Балкан”.
На дискусијата учествуваа Жак Мер, член на Француското национално собрание, Тања Фајон, член на Европскиот парламент, Анџелина Ајхорст, Управен директор за Западна Европа, Западен Балкан, Турција и Велика Британија на „ЕЕАС”, Родерик Паркс, директор за истражување на Германскиот совет за надворешни односи (ДГАП), Јована Маровиќ, извршна директорка на мрежата Политикон и член на Биепаг, Алба Чела, извршна директорка на Албанскиот институт за меѓународни студии, Александра Томаниќ, извршна директорка на Европскиот фонд за Балканот, Доника Емини, извршна директорка на платформата Цивикос и член на Биепаг и Неџма Џанановиќ, вонреден професор на Факултетот за политички науки при Универзитет во Сараево. Дискусијата ја модерираше Зоран Нечев, истражувач од Институтот за демократија и член на Биепаг, а известувач беше Јасна Јелишиќ, шеф на Работната група за Западен Балкан на „ЕЕАС”.
Мер истакна дека целосно е разбирливо барањето на Западен Балкан за видливост и учество на „Конференцијата за иднината на Европа” и додаде дека се очекува од регионот да придонесе во дискусијата за високо приоритетните прашања поврзани со проширувањето на ЕУ.
Според Томаниќ, земјите од Западен Балкан треба да бидат вклучени во сите климатски планови на ЕУ како во зелената економија. Таа додаде дека Западен Балкан може да биде регион што ќе овозможи диверзификација на синџирот на снабдување.
Фајон рече дека Европа нема да биде целосна, сè додека не заврши процесот на пристапување со Западен Балкан во Унијата и додаде дека граѓаните треба соодветно да бидат вклучени на „Конференцијата за иднината на Европа”.
Вклучувањето на граѓаните и политичарите од Западен Балкан на „Конференцијата за иднината на Европа” треба да се сфати како постепена интеграција, што треба да помогне во придонесот за владеењето на правото и демократијата во регионот, истакна Марковиќ.
ЕУ може да научи многу од своите соседи за нејзината улога во светот, рече Ајхорст. Таа потенцираше дека мора да има обединување на континентот, а за ЕУ треба да се разговара повеќе како идеја околу која луѓето ќе се мобилизираат. Таа сугерираше дека регионот треба виртуелно да придонесе со идеи на „Конференцијата за иднината на Европа” и да ги сподели своите очекувања.
Емини рече дека Западниот Балкан може да придонесе во дискусијата за безбедносни прашања и потенцираше дека регионот може да донесе свежина и енергија не само на „Конференцијата за иднината на Европа”, туку и во ЕУ генерално.
Паркс зборуваше за тоа како општествата и владите на земјите од Западен Балкан можат да ја искористат Конференцијата за иднината на Европа за да ја обликуваат дебатата во главните градови на ЕУ и нивните општества. Тој рече дека ваквиот процес е добра можност да се спротивставиме на негативната перспектива за геополитичката улога на ЕУ.
Чела истакна дека фактот што земјите од Западен Балкан, нивните општества и експерти не се официјално вклучени, „Конференцијата за иднината на Европа” е пропуштена можност за обете страни – и за Западен Балкан и за ЕУ. Според неа, и покрај резервите и скептицизмот на некои, земјите од Западен Балкан се дел од Европа и нивната иднина е иднина на Европа.
Џанановиќ потенцираше дека никогаш не е рано да се разговара за иднината на Европа и додаде дека времето е важно, особено за Западен Балкан и неговата интеграција во ЕУ како процес на повеќе генерации.