Премиерот на Косово, Албин Курти денес го прими поранешниот врховен командант на сојузниците во Европа, американскиот генерал Весли Кларк, кому му се заблагодари за неговото раководство во „одлучувачката интервенција на НАТО во пролетта 1999 година“.
Курти исто така му се заблагодари на Кларк за, како што рече, „незаменливата функција и придонес на Соединетите Американски Држави“ и ја повтори решителноста на Приштина да стане членка на НАТО, пренесе „Косово Прес“.
Тој се состана со Кларк, придружуван од министерот за одбрана, Арменд Мехај и министерот за економија, Артан Ризваноли.
Кларк изрази подготвеност да ги поддржи целите на владата на Косово за економски развој и социјален просперитет.
„Државата Косово е најголемиот пријател на Соединетите држави во Европа“, рече Кларк, потсетувајќи на времето кога претседателот Бил Клинтон, по последната посета на Косово, му рече „дека Косово е најдоброто нешто што го направил за време на осум години претседателство“.
Кларк додаде дека „Косово е успешна приказна за САД“.