Пазари во Индонезија: Се уште се продаваат стаорци и лилјаци (ФОТО)

од Nikola Popovski
346 прегледи

Пазарите во азиските земји, каде што се продаваат живи егзотични животни, продолжуваат да предизвикуваат полемики. Причината е, се разбира, коронавирусот, за кој се шпекулираше дека потекнува само од еден таков пазар во Кина. Британскиот „Индипендент“ носи приказна од еден таков пазар во Индонезија, каде се продаваат живи стаорци, како и лилјаци, кучиња и бројни други видови чие месо се смета за гурмански деликатес во тој дел од светот.

Според британскиот весник, истражителите откриле дека стаорци, лилјаци, заедно со свињи, кучиња, змии, жаби, кокошки и патки, се продаваат на пазарите на островот Сулавеси, еден од најголемите индонезиски острови. Животните се чуваат во нехумани услови, цврсто сместени во кафези или врзани.

Организацијата за заштита на животните „Четири шепи“ вели дека ваквите пазари продолжиле да работат независно од пандемијата и барањето на Светската здравствена организација да се запре уличната продажба на животни, пренесува „Independent“.

Експертите предупредуваат дека лошите услови на пазарите на живи животни се плодна почва за болести, особено за оние што можат да се пренесат од животни на луѓе. Чувањето животни во кафези во тешки услови драстично го зголемува нивото на стрес кај животните, што ги прави поподложни на болести. Воспоставувањето близок контакт со животински видови со кои луѓето никогаш не би се сретнале, освен во дивината, ги зголемува шансите вирусот да премине од еден во друг вид, односно од животно на човек.

Сведоците, кои посетиле три пазари, рекоа дека условите биле крајно тешки.

Лилјаци, кучиња и птици биле пронајдени во голем број на пазарот Лангован и пазарот Каромбасан, додека многу лилјаци беа пронајдени на пазарот Бериман, како и стаорци, змии и обоени кокошки. Повредените кучиња биле ставени во мали кафези, чекајќи да бидат убиени.

Работниците не носеле ракавици кога допирале мртви и живи животни, а тезгите биле покриени со делови од животинско тело. Подовите биле покриени со крв и црви, објави организацијата „Четири шепи“.

„Ковид-19 треба да нè натера да посветиме поголемо внимание на тоа како се однесуваме кон животните“, рече еден од истражувачите на организацијата.

Откако кинеските пазари кои продаваа живи животни беа поврзани со појава на коронавирус, владите ширум светот започнаа акција за забрана на такви места. СЗО посочува дека на глобално ниво околу милијарда случаи на болести и милиони смртни случаи се случуваат секоја година поради болести кои се пренесуваат од животни на луѓе и дека 75 проценти од новите болести потекнуваат од животни.

Слични содржини