Прогласена е вонредна состојба во општина Дечани, во Косово, на околу 80 километри од Приштина, поради труење на стотици граѓани.
Првите симптоми на труење кај граѓаните на Дечани се појавија на 11 јули, а се сомнева дека причина за труењето е системот за водоснабдување Хидродрини, пишува Радио Слободна Европа.
Стотици со симптоми
Директорот на одделот за здравство во таа локална самоуправа, Муса Бериша, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјавил дека приливот на пациенти со симптоми на труење е сè уште голем.
„Во текот на ноќта, имаше голем прилив (на пациенти). За жал, не станува збор за (труење на граѓани) од само 11 села, но има и во други околни села“, рече тој.
Врз основа на официјални податоци, од 10 до 13 јули во Центарот за семејна медицина во Дечани, околу 1.000 пациенти побарале медицинска помош, а стотици од нив имаат исти симптоми на труење.
Националниот институт за јавно здравје на Косово на 12 јули објави дека од шест тестирани примероци на вода, кај двајца се пронајдени сомнителни колонии на бактерии.
Директорот на овој институт Насер Рамадани напомена дека испитувањето на примероците продолжува и дека точната причина за труењето се уште не е утврдена.
Во меѓувреме, обвинителството во Пеќ објави дека започнува истрага за причините за труење на граѓаните на општина Дечани, додека Министерството за здравство на Владата на Косово апелира до граѓаните да не користат вода од Хиродрина, се додека не се утврди дека водоснабдувањето не е причина за труење.
Кои се причините за труење?
Градоначалникот на Дечани, Башким Рамосај пред новинарите на 12-ти јули рече дека се прават максимални напори да се најдат причините за труењето.
Рамосај посочи дека постојат сомневања дека труењето не било случајно, но тој не даде повеќе информации на таа тема, наведувајќи дека истражните органи треба да се занимаваат со нив.
Во текот на денот, општина Дечани ќе ја посети министерот за здравство Арбен Витија, како и претседателката на Косово, Вјоса Османи.