Десет недели пред изборите во Германија, ЦДУ/ЦСУ во стабилно водство

од Vladimir Zorba
162 прегледи

Нешто повеќе од два месеци пред парламентарните избори во Германија, Христијанско-демократската унија ЦДУ / ЦСУ го консолидираше своето водство во анкетите за јавното мислење, според анкетата на институтот „Форса“, објавена денеска.

Според анкетите на Институтот направени за РТЛ / нтв, Унијата на партии на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) уживаат поддршка од 30 проценти од испитаниците.

Тоа е 11 проценти повеќе од Партијата на зелените, која во еден момент пред неколку недели водеше пред Унијата.

Актуелниот коалициски партнер на Унијата, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) веќе неколку недели е стабилно на 15 проценти, а Либералната партија на Германија (ФДП) ја зголеми популарноста и сега е поддржана од 12 проценти од гласачите.

Десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) ужива поддршка од 9 проценти, а Левичарската партија 7 проценти од анкетираните.

Меѓу испитаниците, 22 проценти не можеле да одлучат за ниту една партија на изборите за федералниот парламент.

Другите анкети, исто така, укажуваат на релативно сигурна победа на ЦДУ / ЦСУ, која, сепак, не учествува на овие избори со Ангела Меркел како кандидат за канцелар, туку со политичарот од ЦДУ, Армин Лашет.

Во 2019 година, Ангела Меркел најави повлекување од политиката по изборите оваа година.

„Шансите на Лашет да стане нов германски канцелар се зголемуваат“, изјави за РТЛ / нтв, Манфред Гулнер, директор на институтот „Форса“.

Падот на популарноста на Зелените е поврзан со честите обвинувања кон главната кандидатка на партијата, Аналена Баербок, дека направила плагијат на делови од својата книга.

Слични содржини