Во Ребалансот на Буџетот за 2021 година има раст на приходите од 4,7 отсто или за околу 10 милијарди денари, повеќе средства за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории, кажа министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го ребалансот на Буџетот за 2021 година, кој од денеска е на дневен ред пред пратенциите во Собранието на РС Македонија.
„Фискалната политика секогаш треба да даде одговор на реалните потреби, да го поддржи економскиот раст и развој, отворањето на нови работни места и подобриот животен стандард за граѓаните. Затоа основите цели на Буџетот за 2021 година се зајакнување на финансирањето на системот на здравствена заштита и зачувување на здравјето и животите на граѓаните, поддршка на економската стабилизација и поставување на темелите на солидно економско заздравување и забрзан раст, како и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евро-атлантските интеграции“, рече министерот.