Јавната истрага за убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција во 2017 година утврди дека државата е одговорна за нејзината смрт, објави Би-Би-Си во четвртокот.
Во извештајот што го пренесуваат малтешките медиуми се наведува дека државата не забележала ниту признала дека постои ризик за животот на новинарката и не презела соодветни чекори за да го избегне.
Каруана Галиција е убиена во напад со автомобил-бомба недалеку од нејзиниот дом во октомври 2017 година.
Истрагата резултираше со оставка на премиерот Џозеф Мускат во 2019 година, бидејќи беше утврдена вмешаност на неговите блиски соработници. Но, премиерот тогаш ги негираше обвинувањата за корупција.
Каруана Галиција, наречена „Викиликс жена“, ги откри корумпираните мрежи дома и во странство.
Нејзиното семејство побара независна јавна истрага за убиството на новинарката. Мускат го одобри тоа неколку месеци пред да поднесе оставка.
Во последните две години, истрагата испита десетици сведоци, вклучително и истражители, политичари и новинари.
Извештајот на 437 страници заклучува дека државата „создала атмосфера на неказнивост создадена од највисоките ешалони“ и дека постои „неоправдана блискост“ помеѓу големите компании и владата.
Досега се обвинети само неколку лица.
Во февруари, еден од тројцата обвинети за убиството на Каруана Галиција се изјасни за виновен и беше осуден на 15 години затвор. Останатите допрва треба да им се суди.