Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ соопшти дека го потпишал договорот со Министерството за животна средина за доделување на средства остварени по основ на надоместок за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации.
Од вкупно 2.857.657 денари, 357.657 ќе бидат искористени за изработка на Програма за енергетска ефикасност на Општина Центар за периодот од 2021-2024 година, а 2.500.000 денари за изведба на термоизолација на фасадни ѕидови на градинката „13 Ноември“ – објект Јасмин.
„Заложбите за заштитата на животната средина во општината се видливи со сите наши проекти и активности, како реконструкција на енергетски ефикасни фасади на зградите, поставување на фотоволтаици во сите општински основни училишта, јавните повици за реконструкција на лифтови и покриви, поставувањето на енергетски ефикасни фасади и покриви во училиштата и градинките, заштита на зеленилото, како и ред други активности, важни за создавање на здрава и одржлива општина“, истакна Богдановиќ.