ДОЛАРОТ денеска достигна највисоко ниво во последните четири месеци во однос на еврото и двонеделно во однос на јапонскиот јен, откако трговците се позиционираа за претходно намалување на стимулативната програма на Федералните резерви (ФЕД).

Американската валута се тргуваше по 1,1742 долари за евро, продолжувајќи го растот од 0,6 проценти забележан во петокот, пренесе Ројтерс.

Ова движење на доларот придонесе со извештајот за силно вработување во Соединетите држави за јули 2021 година, кој ги охрабри инвеститорите да се обложуваат дека ФЕД би можела да започне со намалување на набавките на обврзници оваа година и зголемување на каматните стапки во 2022 година.

Во однос на јапонската валута, доларот зајакна на 110,37 јени, откако порасна 0,4 проценти кон крајот на минатата недела, а исто така напредуваше во однос на британската фунта, достигнувајќи двонеделен максимум од 1,38565 долари за фунта.

Според извештајот на американското Министерство за труд, објавен во петокот, бројот на вработени на платните списоци на компании во неземјоделскиот сектор се зголемил за 943.000, наспроти 870.000, како што предвидуваа економистите во анкетата на Ројтерс. Бројките за вработување за мај и јуни, исто така, се ревидирани нагоре.

ФЕД постави закрепнување на пазарот на трудот како услов за заострување на монетарната политика, а повеќето американски претставници го поддржуваат ставот дека сегашниот скок на инфлацијата ќе биде привремен, иако се води дебата за тоа колку долго би можел овој привремен пораст на потрошувачките цени да потрае.

Минатата недела потпретседателот на ФЕД, Ричард Кларида навести дека условите за зголемување на каматните стапки може да се исполнат најдоцна до 2022 година.

Фокусот на играчите на пазарот оваа недела ќе биде извештајот за инфлацијата во САД, кој треба да биде објавен во среда.

Токиската берза денеска е затворена поради државен празник, а пазарот на капитал во Сингапур е затворен.

Слични содржини