Најмалку 800 луѓе беа евакуирани денеска откако избувна шумски пожар во два региони, а силната суша и високите температури се закануваат да предизвикаат нови пожари.
Два авиони, хеликоптер и најмалку 200 пожарникари беа испратени во провинцијата Авила, во централна Шпанија, со цел да го задушат пожарот, објави шпанската воена единица за итни прашања, пренесе АП.
Црвениот крст на Шпанија објави фотографии на кои се гледа како постарите граѓани се одведени на безбедно место.
Владата на регионот Кастилја и Леон ги евакуираше жителите од неколку села, па околу 500 луѓе беа однесени во спортски објекти за да се засолнат од пожарот што зафати околу 5.000 хектари шума.
Претседателот на општината Солосанчо, Хесус Мартин изјави дека шумите се целосно изгорени и дека ситуацијата е страшна бидејќи се е јагленосано.
Во регионот на Валенсија, грмотевица предизвика пожар, кој принуди евакуација на 300 жители на селото Азуебар.
Се огласи и премиерот на Шпанија, Педро Санчез, кој рече дека е солидарен со евакуираните граѓани и дека „може да ја замисли болката и грижата низ која минуваат“, заблагодарувајќи им се на спасувачите.
Во саботата, Шпанија забележа рекордна температура од 47,2 степени во Монтор, Кордоба, надминувајќи го претходниот рекорд од 2017 година, кога беа регистрирани 46,9 степени.