Талибанците се подготвени да им дозволат на цивилите кои се евакуирани од Американците да имаат безбеден пристап до аеродромот во Кабул, изјави советникот на претседателот на САД за национална безбедност, Џејк Саливан.
Илјадници Американци кои живеат во Авганистан и Авганистанци кои работеа со западњаците сакаат да ја напуштат земјата од страв од одмазда на Талибанците, но нивниот пристап до аеродромот во областа под бунтовниците е блокиран.
Бунтовниците им рекоа на Соединетите држави „дека се подготвени да го заштитат безбедниот транспорт на цивилите до аеродромот“ и дека имаат намера да ја почитуваат таа обврска, изјави Саливан за новинарите во Белата куќа.
Советникот, сепак, додаде дека има информации дека некои луѓе биле „вратени, оттурнати или дури и претепани“ на пат кон аеродромот.
Вечерва, седум американски транспортни авиони Ц-17 полетаа од аеродромот во Кабул, со 700, 800 цивили, меѓу кои и 165 Американци, соопштија претставници на Пентагон.
Тие додаваат дека целта е да се спроведе еден лет на час од денес, со 5.000 до 9.000 евакуирани дневно.