Косовскиот министер за одбрана Арменд Мехај побара од министрите за одбрана на Украина, Грузија и Азербејџан да влијаат на нивните влади да ја признаат независноста на Косово што е можно поскоро.
„Ги замолив министрите на Украина, Грузија и Азербејџан, врз основа на нивните овластувања, да влијаат врз владите и политичките тела и донесувачите на одлуки во нивните земји со цел што е можно поскоро признавање на Република Косово и воспоставување меѓудржавни односи во сите области“, сподели Мехај доцна синоќа на Фејсбук по состанокот одржан во Турција.
Мехај во средата беше во Турција, каде што, на покана од таа земја, присуствуваше на работен ручек заедно со министрите за одбрана на Украина, Грузија, Азербејџан и Либија, објави Косев.
Состанокот на косовскиот министер за одбрана со претставниците на земјите кои не го признаа Косово се одржа нешто помалку од еден месец откако претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, објави дека ќе работи на зголемување на бројот на држави што го признаваат Косово.
„Се обидуваме да воспоставиме контакти на високо ниво со различни земји, предводени од Азербејџан. Ќе продолжиме со ова. Ние правиме слична работа секаде каде што има жртви и угнетување. Сакаме да го зголемиме бројот на признанија за Косово, што во моментов е 114, уште повеќе“, рече Ердоган на 20 јули, како што објавија приштинските медиуми.
Турскиот претседател тогаш објави дека ќе разговара за признавањето на Косово со американскиот претседател на Генералното собрание на ОН.