Моментот снимен оваа недела во Кабул, објавен на социјалните мрежи, најдобро го покажува целиот очај и страв на локалното население од она што ги чека со ненадејното доаѓање на власт на Талибанците.
Видеото покажува како луѓето од насобраната толпа креваат мало девојче по висок преграден ѕид и го предаваат на американски војник. Илјадници луѓе се обидуваат да стигнат до аеродромот во Кабул со цел да се качат на воени или цивилни авиони и да патуваат во странство, пренесува Ројтерс. Некои загинаа или беа ранети кога Талибанците пукаа во воздух за да ја држат ситуацијата под контрола.
На аеродромот има и американски војници кои учествуваат во евакуација на странци од Авганистан.
Во меѓувреме, американската војска го завршува повлекувањето од Авганистан по 20 години војна во таа земја.
Врз основа на видеото, не е јасно дали девојчето е префрлено преку ѕид за да биде со членовите на нејзиното семејство или дали е направено за да се качи на лет во странство.