Швајцарската влада одлучи дека во иднина нема да може да се влегува во ресторани, барови или фитнес центри без ковид-сертификати и го објасни со неопходноста да се намали притисокот врз болниците во четвртиот бран на пандемијата.
Минатата недела таа мерка беше одложена со цел да се види како ќе се движи бројот на нови пациенти, а бидејќи трендот не е добар, денеска беше одлучено да се воведе задолжителен сертификат. Мерката треба да биде во сила четири месеци, а во меѓувреме, ќе има јавна расправа за тоа дали премногу задира во граѓанските слободи, објави Хина.
Со оглед дека болниците се повеќе се полнат со пациенти, поради што мора да се одложат операциите на другите пациенти, владата заклучи дека „не смееме да чекаме повеќе со новите мерки“.
„Ситуацијата е се уште нестабилна и денес имаме повеќе од 3.500 новозаразени лица. Алтернативата е да затвориме се, но ќе сториме сe што можеме за да го избегнеме тоа“, рече министерот за здравство, Ален Берсе.
Ковид-потврда во Швајцарија подразбира доказ за вакцинација, закрепнување од коронавирус или негативен тест.
Угостителите ги критикуваа тие мерки и проценија дека тоа ќе им нанесе голема штета во момент кога пандемијата почнала да попушта.