„Јас бев исклучен само поради тоа што не ја прифатив одлуката на Бранко Црвенковски да се бојкотираат локалните избори. Никаде во светот не се бојкотираат локални избори. Пред една година Еди Рама направи локални избори во Албанија со 24 отсто излезеност. Ситуацијата со Димитриевски е различна“, вели лидерот на ГРОМ и кандидат за градоначалник за Општина Карпош Стевчо Јакимовски во гостувањето на Дневникот на Сител ТВ.
Тој наведува дека треба да се слушаат граѓаните во однос на градењето во општината.
-Треба да си ги признаеме грешките во минатото. Јас сум сериозен поборник ширењето на Карпош да биде од левата страна на Вардар, посочува Јакимовски.
Во однос на тоа дали ќе се воведе зонско паркирање во општината, доколку тој стане градоначалник, Јакимовски вели дека неговата цел е да не ги бркаат гостите кои доаѓаат во општината.
-Најголем проблем имаат жителите на Карпош 1, па затоа вкупно предвидени се 3 катни гаражи, од кои една во тој дел од населбата. Исто така се предвидува едно ниво да биде под земја, а две ката над. Ќе ги зголемиме паркинг местата, изјави Јакимовски.