Терористот од Париз: Нема ништо лично во убиството на 130 луѓе

од Nikola Popovski
280 прегледи

Главниот осомничен за исламскиот терористички напад од 2015 година, кога во Париз беа убиени 130 луѓе, изјави денеска пред францускиот суд дека „нема ништо лично во нападот“.

„Ја нападнавме Франција, ги таргетиравме граѓаните и таму немаше ништо лично“, рече Салах Абдеслам (31), објави француската телевизија БФМ.

Абдеслам нападите во Париз ги нарече одговор на француската интервенција во Сирија против таканаречената Исламска држава, чиј член беше и тој.

„Француските авиони ја бомбардираа ИСИС, не правејќи разлика помеѓу мажи, жени и деца. Ја натеравме Франција да страда на ист начин како и ние што патевме“, рече тој на судењето.

Тој, исто така, ја префрли вината на тогашниот француски претседател Франсоа Оланд.

„Кога ја донесе одлуката за бомбардирање на Исламската држава, знаеше дека тоа е ризична одлука, знаеше дека Французите ќе се соочат со смрт“, рече Абдеслам, додавајќи дека сака да биде искрен со жртвите, кои претрпеле огромна болка.

Абдеслам беше обвинет за учество во вооружен напад врз кафулиња, ресторани, концертната сала Батаклан и стадионот на француската фудбалска репрезентација во ноември 2015 година.

Абдеслам го попречи судењето минатата недела давајќи политички изјави од обвинителна клупа, поради што судијата привремено го прекина рочиштето.

Фото: Keystone

Слични содржини