Германија: Уапсен тинејџер кој планирал напад врз синагога

од Vladimir Zorba
178 прегледи

Германската полиција уапси тинејџер кој наводно планирал да нападне синагога во западниот германски град Хаген, објави новинската агенција ДПА.

Агенцијата наведува дека осомничениот планирал да изврши експлозивен напад.

„Еден тинејџер е приведен“, рече министерот за внатрешни работи на провинцијата Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл.

Засега не се објавени детали за осомничениот, објави АП.

Германската полиција синоќа објави дека добила информации за можна закана за еврејската институција во Хаген и дека се преземени соодветни мерки.

Локалните медиуми објавија дека голем број вооружени полицајци се наоѓале во близина на синагогата во Хаген.

Веста за заканата беше објавена во време кога Евреите го слават празникот Јом Кипур, кога во синагогата во текот на ноќта се одржуваат верски служби.