Го повикувам претседателот на Општинската организација на СДСМ во Куманово и актуелен пратеник во македонското собрание Мартин Костовски, доколку има какви било информации или докази за недолично однесување и злоупотреба на институциите со притисоци и закани во рамки на претстојните локални избори истите уште веднаш да ги пријави до надлежните институции, до ОБСЕ и ОДИХР, а не да чека информации за дополнителни закани и поплаки од страна на граѓани доколку пристигнат повторно до нив, па дури тогаш да биде приморан за да интервенира, вели во својата реакција актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
Во неговата реакција стои дека Куманово е погрешен град за да се вршат притисоци или
закани.
-Куманово е достоинството на државата и градот на пркосот и непокорот, каде се поддржува и охрабрува различното размислување и слободата на изразување.Да потсетам само дека одлуката за моја независна кандидатура за градоначалник дојде и поради фактот што во одредени структури на општинската организација на Куманово, но и на раководството на партијата не им се допадна тоа што за одредени процеси во државата излегов јавно и кажав свој став кој е поразличен од моменталниот став на партијата. Оттука, ги охрабрувам сите граѓани доколку во наредниот период се соочат со какви било закани јавно да говорат и да ги пријават. Закани нема да дозволам да се направат, но доколку има прв ќе бидам што ќе ги поддржи граѓаните. Тие имаат право на избор и во ниту еден случај не смее да има недолично однесување од никого. Исто така, го охрабрувам и Мартин Костовски доколку граѓаните со соочат со закани истите такви недолични однесувања да ги пријави, објаснува Димитриевски.
Градоначалникот на Куманово вели дека институциите не се под негова команда, туку институциите ги водат граѓаните кои го избрале на избори.