Холандија ги засили безбедносните мерки во близина на премиерот Марк Руте, откако полицијата доби извештај за можен напад од криминалци поврзани со трговија со дрога, објави денеска дневниот печат.
Иако вооруженото насилство е ретко во Холандија, насилството поврзано со трговијата со дрога стана вообичаено во последниве години, пренесе Ројтерс.
Неименуван владин извор го потврди пишувањето на дневниот весник „Де Телеграф“.
Холандските безбедносни служби одбија да ги коментираат овие наводи.
Премиерот Марк Руте, запрашан за извештајот, им рече на новинарите дека „безбедноста и заштитата се прашања за кои никогаш не треба да се зборува јавно“.
Според Ројтерс, премиерот често се гледа како вози велосипед од својата куќа до владините згради во Хаг, а честопати му се обраќаат минувачи кои сакаат да направат селфи со него или да разговараат.
Во последниве месеци, неколку лица низ земјата се казнети или осудени на кратки затворски казни за закани на министри и пратеници.