Европската комисија вели дека е заинтересирана за борбата против затајување данок, на сите нивоа, но дека не е во позиција да коментира или да дејствува во секој конкретен случај споменат во „пандорините документи“.
ЕК ги повикува националните власти и судството да постапат во конкретни случаи.
„Ги повикуваме надлежните органи на национално и регионално ниво да одговорат на поединечни случаи, и нивните судски системи да ги исполнат своите обврски по ова прашање“, рече портпаролката на ЕК, Дана Спинат.
По повод „Пандорините документи“ кои ги откриваат тајните на офшор бизнисот на голем број високи функционери од 90 земји низ светот, вклучувајќи го и премиерот на Чешка, Андреј Бабиш и поранешниот еврокомесар Џон Дејли, од Брисел велат дека „не се занимаваат со поединечни случаи “, и дека е „тешко за нив да дадат сеопфатен одговор“ кога станува збор за какви било докази за учеството на овие луѓе во овие активности.
Се наведува дека станува збор за „меѓународна истрага однадвор“, која ЕУ ја следи со интерес бидејќи се занимава со прашања кои се од големо значење за Брисел.
ЕК додава дека тие работат на зајакнување на законодавството во рамките на ЕУ со цел да се обезбедат највисоките стандарди за транспарентност и правичност на даночните системи, на што инсистираат и во меѓународната соработка со партнерите.
„Борбата против злоупотреба и даночно затајување сега е поважна од кога било досега, така што трошоците настанати како резултат на пандемијата Ковид-19 се рамномерно распределени меѓу даночните обврзници и на тој начин го зајакнуваат економското заздравување“, заклучи Комисијата.
Во Брисел, тие додаваат дека ЕУ постигна голем напредок во претходните години во областа на даночните закони, како во рамките на ЕУ-27, така и во соработка со партнерите ширум светот, како и во борбата против перењето пари.
Пандорините документи го откриваат тајниот офшор бизнис на 35 светски лидери, вклучувајќи актуелни и поранешни претседатели, премиери и шефови на држави. Тие, исто така, ги расветлија тајните финансии на повеќе од 300 други јавни службеници, како што се владини министри, судии, градоначалници и воени генерали во повеќе од 90 земји.