Курц жали за СМС -пораките, ги негира обвинувањата

од Vladimir Zorba
496 прегледи

Австрискиот канцелар Себастијан Курц синоќа им се обрати на граѓаните на Австрија, нагласувајќи дека има намера што побрзо да покаже дека обвинувањата против него се неточни и ја посочи подготвеноста, негова и на владејачката Народна партија (ОВП) да продолжат да работат.

„Во изминатите неколку дена, видливи се иритација и несигурност. Многу работи се мешаат, и важно е да се одделат некои работи. Од една страна, има СМС пораки од пред неколку години, некои од мене, кои се емотивно формулирани на начин што не би го направил денес. Од друга страна, постојат обвинувања за злосторства против мене кои се неточни“, објасни тој.

Курц рече дека е добро што во правна држава, како што е Австрија, секој има можност да докаже дека станува збор за неточни обвинувања.

„Претседателот на Австрија рече дека презумпцијата на невиност мора да важи за сите, и мислам дека политичарите не треба да се третираат подобро за тоа прашање отколку граѓаните, но не и полошо. Добро е што ќе можам да ги отфрлам сите обвинувања против мене во понатамошната постапка“, додаде тој.

Курц посочи дека ќе стори сé за да се расветли целиот случај што е можно поскоро, бидејќи, како што изјави, тоа било во негов интерес.

„Освен прашањето за обвинувања за нешто од 2016 година, тука е и прашањето што се случи со владата и земјата. Како канцелар и претседател на ОВП, разговарав со тим од мојата партија и дојдовме до заклучок дека прифаќаме како демократи ако има други мнозинства во парламентот, но истовремено сакаме да нагласиме дека како тим во владата сме ефективни и дека сакаме да продолжиме да работиме. Тоа го докажавме веќе година и пол со нашиот коалициски партнер во борбата против пандемијата, во економското закрепнување“, рече тој.

Курц нагласи дека ќе остане во постојан дијалог со претседателот на државата и ќе стори сé за да ја зачува стабилноста на земјата, но и со вицеканцеларот, на кого, како што изјави, ќе му понуди разговори за понатамошна работа на Владата.

Слични содржини