Европската унија воведе санкции против уште осум руски државјани поради активности што го нарушуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, пренесе Анадолија.
Во соопштението на Европскиот совет се вели дека ограничувачки мерки ќе се применат за одредени безбедносни службеници, судии и обвинители одговорни за спроведување на рускиот закон на Крим и Севастопол, кои Русија незаконски ги анектираше во 2014 година.
Се наведува дека осум руски државјани донеле пристрасни одлуки во политички случаи против оние кои се противеле на илегалната анексија на Крим и Севастопол, и извршиле притисок врз тие луѓе и започнале кривично гонење.
Со оваа одлука, бројот на луѓе на кои ЕУ им воведе санкции во врска со Украина се зголеми на 185, а во моментов санкции се воведени и врз 48 организации. Санкциите вклучуваат замрзнување на средства, влез и транзит во ЕУ.
ЕУ не ја призна нелегалната анексија на Крим и Севастопол кон Русија и изразува „непоколеблива“ поддршка за територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина.
Се очекува таа поддршка да биде потврдена на утрешниот Самит ЕУ-Украина, што ќе се одржи во Киев, главниот град на Украина.
Санкциите на ЕУ против Украина за првпат беа воведени на 17 март 2014 година.