Северна Кореја: Америка реагираше претерано, има двојни стандарди за вооружувањето

од Milan1
221 прегледи

Северна Кореја денеска соопшти дека САД „претерано реагирале“ на најновото ракетно тестирање на Пјонгјанг и ја доведоа во прашање искреноста на понудата на Вашингтон за разговор, обвинувајќи ги САД дека имаат двојни стандарди кога станува збор за развојот на вооружувањето.

Пјонгјанг во последните неколку недели изјави дека тестирањето на оружјето има за цел да ги зајакне одбранбените способности, како што тоа го прават другите земји, обвинувајќи ги САД и Обединетите нации дека водат непријателска политика и двојни стандарди кон Северна Кореја.

Пјонгјанг тестираше нова балистичка ракета истрелана од подморница оваа недела, а тамошните власти велат дека тоа се нормални активности насочени кон долгорочен одбранбен план и не се насочени против САД или која било друга земја, изјави неименуван портпарол на Министерство за надворешни работи на Северна Кореја, пренесува официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА.

Тој додаде дека Вашингтон презел „многу провокативни потези“ со свикување на Советот за безбедност на Обединетите нации, кој се состана во средата на барање на Соединетите држави, наведува Ројтерс.

Американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд апелираше до Пјонгјанг да ги почитува санкциите на Обединетите нации за забрана на нуклеарно оружје и тестирање на балистички ракети, како и да ја прифати понудата за разговори, повторувајќи дека Вашингтон нема непријателски намери.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја изјави дека биле наметнати „двојни стандарди“ во однос на развојот на оружје.

„Критиката кон Северна Кореја за тестирање на истото оружје што Соединетите држави го поседуваат или развиваат е јасен показател за двојните стандарди“, рече портпаролот во изјавата пренесена од агенцијата КЦНА.

Тој посочи дека секое недолично однесување на САД и Советот за безбедност може да доведе до „многу посериозни последици“, предупредувајќи „ да не си играат со опасна темпирана бомба“.

Слични содржини