Кандидатката за градоначалник на град Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска најави дека еден од петте мега паркови, кои се дел од нејзината изборна програма, ќе биде лоциран во Чаир.
-Мега паркот во Чаир ќе биде на локација на која што дополнително со новите општински власти по локалните избори ќе треба да ја утврдиме. Има простор што е однапред определен, а тоа е кај Топаана меѓутоа дополнително ќе работиме на делот да се уреди и да има уште една зелена површина а тоа е кај Скопскиот аквадукт, информира Арсовска.
Арсовска истакна дека верува дека лошите политики што ги води актуелната власт, ќе бидат казнети во недела од страна на скопјани, на гласањето за вториот изборен круг.
-Јас како личност кажав дека немам ниту една дамка во целиот свој живот и затоа знаејќи со какви луѓе ќе се соочам од другата страна, влегов во оваа трка, каде што не можат да најдат ништо кое што би можело да ме оштети ниту лично, ниту професионално, а тие слободно може да се бават со лагите и манипулациите. Им остануваат уште неколку дена, дополни Арсовска.