Мојот план за Скопје, мојата визија ги претставив со амбициозни, но возможни, реални проекти. Повеќето од нив може да се спроведат веќе во првите две години од мојот мандат, многу од нив уште во првите 82 дена, истакна Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, на вечерашниот завршен митинг пред платото на Филхармонија.
„Време е да им покажеме на сите дека е возможно во 82 дена да се исчистат сите депонии, сите диви депонии во градот Скопје, да се отвори едношалтерскиот систем за јавни услуги достапен за сите граѓани 24 часа секој ден во неделата. Ќе ставиме крај на дивеењето и урбаниот хаос. Ќе го спроведуваме законот, ќе го развиеме модерно Скопје, со урбанистичко планирање заедно со локални и меѓународни експерти за да го подготвиме за иднината, со строга заштита на зелените зони и 5 нови мега паркови вонашето убаво Скопје“, порача таа.
Арсовска во своето обраќање пред скопјани се осврна и на потребата од дигитализација на градот, притоа посветувајќи се и на правилно менаџирање и мотивација на администрацијата која, како што рече, ќе стане транспарентна и ефикасна и во служба на граѓаните.
„Ќе почнеме да работиме на нив да ги развиваме уште првиот ден на стапување на градоначалничката функција. Со целосна посветеност, со напорна работа, со професионален менаџмент, Скопје ќе биде градот кој го заслужуваме и градот со кој повторно ќе се гордееме“, потенцираше таа.