Кога пред многу години купила прстен на продажба на автомобил, една пензионерка во 70-тите немала поим дека поради тоа ќе стане милионерка. Таа неодамна го средувала станот и размислувала да фрли во ѓубре парче накит за кое мислела дека е само накит.
Меѓутоа, сосетката ја убедила да оди на проценка пред да го фрли. И добра работа е што таа тоа и го направи.
Испадна дека станува збор за вистински дијамантски прстен вреден дури два милиони фунти, пишува „Мирор“.
Проценителот Марк Лејн изјави дека жената влегла во нивната продавница со прстен што го чувала заедно во кутија каде имала и венчален прстен и повеќе накит.
„Видовме прилично голем камен, поголем од паричка и помисливме дека е циркон. Беше на моето биро два до три дена додека не го зедов уредот за тестирање на дијаманти. Потоа го испративме до нашите партнери во Лондон, по што експерти од Белгија утврдија дека станува збор за дијамант од 34 карати“, изјави Лејн, додавајќи дека тоа е најголемиот дијамант што го виделе во последните пет години водење на бизнисот.
Тој исто така рече дека жената сакала да остане анонимна.
– Ни кажа дека ја исчистила куќата и дека за малку прстенот ќе завршил во ѓубре, но дека сосетката и рекла да го однесе на проценка, вели проценителот.
Дијамантот сега е на обезбедена локација во Лондон пред да оди на аукција што ќе се одржи на 30 ноември. Аукциската куќа го проценила на 1,6 до 2 милиони фунти.