Воената активност на Крим не е ништо повеќе од потребата да се обезбеди безбедност на полуостровот и е фактор на стабилност во регионот, изјави заменик-шефот на руската делегација во Првиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации, Андреј Белоусов.
Со овие зборови Белоусов одговори на обвинувањата на западните претставници упатени до Русија во врска со прашањето за агресија и окупација кон Украина и Грузија.
„Не обвинија за прекумерна воена активност на Крим и во Азовското и Црното Море. Повторно порачаа дека воената активност во тој регион ја нарушува регионалната безбедност, дури и европската, па дури и глобалната безбедност. Ги отфрламе сите овие обвинувања, тие воопшто не се поткрепени“, нагласи Белоусов.
Рускиот дипломат нагласи и дека Русија има целосно право на воено присуство на Крим, бидејќи тоа е територија на Руската Федерација.
Белоусов се осврна и на дијалогот меѓу Русија и Америка за прашањето за стратешката стабилност, велејќи дека по средбата на двајцата претседатели Владимир Путин и Џозеф Бајден во Женева, тој дополнително бил активиран.
Тој исто така рече дека тоа не било случај за време на претходниот американски претседател Доналд Трамп.
„По долгорочниот прекин на дијалогот за стратешка стабилност, тој конечно беше рестартиран по средбата на лидерите во Женева“, додаде тој.