Шпанската полиција уапси 12 лица и трага по уште толку откако група патници избегаа од авион на аеродромот во Палма де Мајорка, поради што аеродромот беше затворен неколку часа.
Авионот на нискобуџетната мароканска авиокомпанија Ер Арабија Марок, кој летал од Казабланка за Истанбул, принудно слетал во Палма де Мајорка поради наводно болен патник, соопшти шпанската цивилна гарда.
Кога вратите на авионот се отворија во петокот во 20:30 часот по локално време, 21 патник побегнаа од авионот, соопшти во саботата регионалната влада.
Меѓу 12-те уапсени има и болен патник кој бил однесен и пуштен од болница. Со него бил и еден сопатник кој се обидел да побегне од болницата. Еден патник е уапсен поради агресивно однесување во авионот.
Полицијата истражува зошто побегнале
Портпаролката на регионалната влада Аина Калво рече дека не е невообичаено авионите да бараат итно слетување на аеродромот, но дека не е нормално „група патници да изберат да не ги почитуваат меѓународните правила“.
Полицијата истражува зошто патниците избегале и дали се работи за оркестриран план или изолиран инцидент, изјави портпаролката, најавувајќи дека патниците ќе бидат вратени во татковината бидејќи илегално влегле во Шпанија.