Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска одобри два нови лекови против коронавирус за лица на кои им се заканува тешка форма на болеста.
Во денешното соопштение, европската агенција наведува дека се покажало оти два лека на база на моноклонални антитела значително го намалуваат ризикот од хоспитализација и смрт на пациентите кои се подложни на добивање на потешка форма на Ковид-19.
Таа одобри употреба на комбинација на лековите касиривимаб и имдевимаб и леков регданвимаб.
Агенцијата наведува дека безбедносниот профил на лековите е поволен и дека и покрај малиот број на несакани ефекти, придобивките од лековите ги надминуваат ризиците.
Комбинацијата на касиривимаб и имдевимаб ја произведува швајцарската фармацевтска компанија Рош, а лекот доби одобрение за итна употреба од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) во ноември минатата година.
ЕМА наведе дека и регданвимаб и комбинацијата на касиривимаб и имдевимаб треба да им се понудат на луѓе на возраст над 12 години на кои сè уште не им е потребна кислородна поддршка, но кај кои постои ризик од влошување на Ковид-19. Агенцијата наведува дека комбинацијата на лекови може да се користи и превентивно. Двата лека се даваат интравенозно.
Регданвимаб го произведува компанијата „Celltrion Healthcare“ во Унгарија, а претходно беше одобрен во Јужна Кореја.
Третманите со антитела се меѓу ретките терапии кои можат да ги ограничат најлошите ефекти на Ковид-19 и тие се единствената достапна опција за луѓе со благи до умерени случаи на болеста кои сè уште не се во болница.
Лековите се лабораториски произведени верзии на антитела кои го блокираат вирусот и помагаат во одбраната од инфекција. Третманите му помагаат на пациентот со обезбедување концентрирани дози од еден или два антитела.