Најмалку 68 затвореници се убиени во нови брутални судири во затвор во Еквадор.
Немирите во затворот Литорал во градот Гвајакил наводно започнале во петокот вечерта, а полициските тактички единици кои влегле во затворските згради пронашле оружје, експлозиви и сечила, јавува Би-Би-Си.
Само оваа година во еквадорските затвори загинаа повеќе од 300 луѓе.
Повеќе од 100 затвореници беа убиени во борбите на ривалските банди минатиот септември, велат официјалните лица, пренесе Би-Би-Си.
Септемвриското насилство во затворот поврзано со банди беше најлошото во историјата на Еквадор.
Во тоа време, затворениците од едното крило на затворот лазеле низ дупка за да стигнат до другото крило, каде ги нападнале членовите на ривалската банда.
Смртоносниот конфликт, во кој некои затвореници беа обезглавени, го привлече вниманието на јавноста кон зголеменото влијание на транснационалните криминални групи во Еквадор како што се картелите Синалоа, Халиско и Новата генерација со седиште во Мексико.