Заштитата на здравјето на граѓаните е највисок приоритет во услови на пандемија и тоа може да се постигне со сеопфатни, интегрирани и добро испланирани мерки како и со континуирано унапредување на квалитетот на здравствената заштита.
Сојузот на стопански комори речиси овие две години од почетокот на пандемијата дава активен продонес преку постојано следење на мерките и доставување на свои конструктивни предлози и мислења во насока на нивно унапредување се со цел заштита на здравјето и намалување на штетните последици во економијата, се вели во соопштението.
„Во таа насока сакаме да истакнеме дека изјавата на министерот за здравство Венко Филипче дека Сојузот барал да се воведе задолжителна вакцинација и за вработените во приватниот сектор е целосно неточна бидејќи нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна е лично право на избор и не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови на вакцини и релевантни информации за нивната безбедност. Во таа насока Созјуот останува отворен за понатамошна соработка и ќе продолжи да дава поддршка за мерките кои сметаме дека ќе дадат ефект“, велат оттаму.